Во новите руски напади врз украинскиот град Запорожје загина една жена, а меѓу повредените има и 14-годишно девојче, кое спасувачките екипи успеале да го извлечат од урнатините.
Според регионалните власти, нападите предизвикале значителни разурнувања. Уништена е семејна куќа, а оштетени се повеќекатни станбени згради и две образовни установи.
По нападите се огласи и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој обвини дека руските сили ги интензивираат нападите врз енергетската инфраструктура и цивилните објекти во пресрет на зимата.
„Припадниците на украинската Државна служба за вонредни ситуации успеаја да го спасат девојчето од урнатините. Но, трагично, Русија во овој напад ја уби неговата мајка“, порача Зеленски, изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите.
Украинскиот претседател соопшти дека во текот на изминатата недела Русија извршила илјадници напади со беспилотни летала и наведувани воздушни бомби.
Москва соопшти дека пресретнала повеќе од 1.000 украински дронови
Во меѓувреме, руското Министерство за одбрана соопшти дека руската противвоздушна одбрана втора ноќ по ред пресретнала повеќе од илјада украински беспилотни летала.
Според официјалните руски податоци, уништени биле 1.017 дронови над територијата на дваесетина руски региони.









