Американскиот милијардер и извршен директор на „SpaceX“, Илон Маск, наводно бурно реагирал откако дознал дека Иран ја користел неговата сателитска интернет-мрежа „Старлинк“ во напади врз американските сили.
Информацијата ја објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори запознаени со внатрешните разговори во компанијата, а ја пренесе и „Ројтерс“.
Според извештајот, Маск бил информиран за два случаи на неовластено користење на системот, кои неговиот тим ги поврзал со иранските воени активности против американските сили.
Доверлив извештај до Пентагон
Наводното користење на „Старлинк“ од страна на иранската војска било опишано во доверлив извештај упатен до американскиот министер за одбрана Пит Хегсет.
Сепак, американското Министерство за одбрана во изјава за „Ројтерс“ соопштило дека не е запознаено со постоењето на таков извештај доставен до кабинетот на министерот.
Компанијата „SpaceX“ и иранското Министерство за надворешни работи не одговориле на барањата за коментар.
Иако „Старлинк“ нема официјална дозвола за работа во Иран, Маск претходно потврдил дека услугата е активна на територијата на земјата.
Според „Волстрит џурнал“, американската влада по јануарските протести тајно внесла илјадници терминали на „Старлинк“ во Иран.
Случајот повторно го отвора прашањето за контролата на сателитските комуникации и нивното неовластено користење во воените конфликти.









