Исклучително редок медицински случај е регистриран во Пакистан, каде што лекарите од стомакот на десетгодишно момче отстраниле формација која содржела делумно развиен скелет, коса и нокти.
Момчето било примено во болница поради болки во стомакот, покачена телесна температура и ненамерно губење на телесната тежина.
При медицинските прегледи била откриена формација со големина од околу 11 сантиметри, во која биле забележани масно ткиво, структури слични на заби и неразвиени коски. За време на хируршката интервенција биле забележани и делови од ’рбетот.
Лекарите се сомневаат дека станува збор за исклучително ретка вродена состојба позната како „fetus in fetu“, односно феномен при кој еден неразвиен близнак останува во телото на другиот за време на ембрионалниот развој.
Според медицинската литература, оваа состојба се јавува кај приближно едно од 500.000 живородени деца.
Сепак, дијагнозата не била целосно потврдена поради несоодветното зачувување на отстранетото ткиво за микроскопска анализа. Лекарите ја разгледувале и можноста за тератом, вид тумор кој може да содржи различни видови ткива, вклучувајќи коски, заби и коса.
Операцијата поминала успешно и без компликации, а момчето било отпуштено од болница по 11 дена. На контролниот преглед, десет недели подоцна, немало никакви симптоми.
Лекарите препорачале редовни контроли во следните пет години поради можноста за повторна појава на формацијата или малиген развој.
Случајот е документиран во медицинското списание „Case Reports in Pediatrics“








