Тим научници од Универзитетот Кембриџ откри дека голем број комерцијално достапни засладувачи можат директно да влијаат врз растот на бактериите во цревата. Резултатите од истражувањето се објавени во научното списание Molecular Systems Biology.
Во лабораториски услови биле тестирани 39 природни и вештачки засладувачи врз 25 различни видови цревни бактерии. Истражувачите утврдиле дека речиси три четвртини од засладувачите влијаеле на растот на најмалку еден бактериски вид, а кај некои целосно го запреле нивното размножување.
Најизразен ефект бил забележан при комбинација на засладувачот изостевиол со антидепресивот дулоксетин. Во експериментот оваа комбинација значително го намалила растот на две бактерии поврзани со дигестивното здравје, регулацијата на шеќерот во крвта и имунолошката функција.
Научниците дополнително испитувале како засладувачите реагираат во комбинација со кофеин, ароматизатори и повеќе лекови, при што биле забележани над 100 различни интеракции.
Сепак, авторите нагласуваат дека резултатите не значат дека засладувачите или овие комбинации предизвикуваат штета кај луѓето, бидејќи експериментите се спроведени во лабораторија, а не врз луѓе. Тие посочуваат дека се потребни дополнителни клинички истражувања за да се утврди дали ваквите ефекти се јавуваат и во човечкиот организам.








