Новогодишниот базар „Зимзоленд“, кој годинава е поставен спроти „Рагуза“ меѓу Ново Лисиче и Лисиче, стартуваше вчера, но наместо празнично расположение – кај дел од жителите предизвика револт.
Многумина се жалеа на социјалните мрежи дека посетителите ги паркираат автомобилите на тротоари, тревници и дури среде улица, создавајќи големи гужви и блокади. Некои тврдат дека им требале и до 20 минути да поминат низ улицата поради застојот.
Освен сообраќајниот хаос, жителите реагираат и на гласната музика, силното осветлување и вревата што трае до доцна во ноќта. Според нив, вакви настани треба да се организираат на пооддалечени локации, а не во густо населени урбани делови.
„Настанот е убав, ама културата ни е никаде. Паркираат каде ќе стигнат“, вели една скопјанка.Други додаваат дека цените се „премногу високи“ и дека со тие пари „може да се помине викенд во Грција“. Неколкумина забележаа и дека нема доволно канти за отпадоци или место за седење.
Сепак, има и граѓани кои порачаа дека празниците без ваква манифестација би биле посиромашни и дека потребата од празнична атмосфера е разбирлива.
„Зимзоленд“ ќе трае до 4 јануари 2026. Базарот нуди адреналински реквизити, лизгалиште, дрвени куќарки со греено вино, храна и пијалаци, како и вечерна музичка програма пред големата осветлена новогодишна елка.

















