Управата за јавни приходи (УЈП) ги потсетува сите граѓани на Северна Македонија дека секој приход остварен од странство кој подлежи на оданочување мора да се пријави преку системот е-Даночни услуги. Обврската важи за сите резиденти кои примаат приходи од странство, без разлика дали станува збор за работа, закуп, капитални добивки или други извори.
Кој е должен да пријави доход?
Секое физичко лице кое е даночен резидент на Северна Македонија и има остварено приход од странство што се оданочува согласно Законот за данок на личен доход (ЗДЛД).
Кој е даночен резидент?
Лицето се смета за резидент ако:
- има постојано живеалиште во Македонија, или
- престојува повеќе од 183 дена во земјата во било кои 12 месеци.
Резидентите плаќаат данок за приход остварен и во земјата и во странство, додека нерезидентите плаќаат данок само за приход остварен во Македонија.
Кога треба да се поднесе пријавата?
Обврзниците поднесуваат електронска пресметка е-ПДД до 10-ти во месецот за приходот примени во претходниот месец.
Плати и пензии од странство за кои е платен данок во друга држава се пријавуваат до 31 март во следната година.
Кој доход од странство се пријавува?
Се пријавуваат приходи од:
- работа (плати, хонорари, фриленс услуги),
- закуп (вклучително и издавање преку Airbnb, Booking),
- капитални добивки (криптовалути, продажба на имот, хартии од вредност),
- дивиденди, камати и други приходи од капитал,
- авторски права,
- добивки од игри на среќа,
- друг вид доход кој се оданочува.
Кои приливи НЕ се оданочуваат?
Не се пријавуваат:
- подароци и семејна поддршка,
- позајмици,
- парични трансфери преку Western Union, Ria, MoneyGram и слични сервиси.
Како се пополнува е-ПДД?
Во системот се внесуваат:
- вид и подвид на доход,
- точен износ и валута,
- датум на остварување,
а системот автоматски го конвертира износот во денари.Неопходно е да се приложат документи (извод од банка, договор, потврда од исплатувач и сл.).
Што ако веќе сте платиле данок во странство?
Данокот платен во друга држава се признава, но најмногу до домашната стапка од 10%.
- Ако странскиот данок е помал од 10%, се доплаќа разликата во Македонија.
- Ако е повисок од 10%, нема дополнителна обврска.
За ова е потребно уверение за платен данок издадено од даночниот орган на странската држава.
Важна напомена од УЈП
УЈП веќе врши проверки врз основа на податоците доставени од банките и повикува лица кои примиле приливи, а не ги пријавиле. Доколку приходот не се пријави доброволно, Управата ќе ја искористи законската надлежност да го утврди и наплати данокот со камати и казни.

















