Идните членки на Европската Унија – земјите од Западен Балкан, како и Украина и Молдавија – ќе влезат во ЕУ со едно важно ограничување: нема да можат да ставаат вето на процесот на проширување, односно нема да можат да го блокираат членството на други кандидати, објавува „Вијести“, повикувајќи се на извори од преговорите меѓу Црна Гора и Брисел.
Оваа мерка, која веќе има широка поддршка во Унијата, е предложена од Германија и треба да стане дел од Договорот за пристапување на Црна Гора – а потоа и на сите други идни членки.
Зошто се ограничува правото на вето?
Главната причина е да се спречат идни блокади, како што би можеле да се појават меѓу Србија и Косово – или други регионални ривалства. Брисел сака да избегне сценарија во кои новите членки ќе го држат проширувањето како политичка алатка.
Што (не) се менува?
И покрај шпекулациите, ЕУ не планира трајно да им го одземе правото на вето на новите членки. Ограничувањето ќе важи само за:
- прашања поврзани со проширувањето,
- привремен период по потпишувањето на пристапниот договор,
- делови каде ЕУ бара гаранции дека реформите навистина се спроведуваат.
Станува збор за т.н. заштитни мерки – модел кој веќе бил применет и во претходните проширувања.
Мерките ќе важат од шест месеци до неколку години, зависно од исполнетите реформи, особено во клучните области: владеење на правото, борба против корупција, организиран криминал и перење пари.
Зошто се дигна врева?
Неодамнешните изјави на европската комесарка Марта Кос беа погрешно протолкувани како најави за укинување на ветото. Текстот беше коригиран, но сензационалните толкувања веќе се рашириле меѓу аналитичари и медиуми.
Ќе има ли поголеми промени?
Некои европски тинк-тенкови дури предложија ревидирање на Член 7 од Лисабонскиот договор – кој предвидува санкции за земји што ги кршат вредностите на ЕУ – но правните експерти го отфрлија тоа како нереално и премногу ризично. Таква реформа би била можно само со промена на основните договори на ЕУ, не преку пристапните договори.
Црна Гора – најблиску до членство
Подгорица е во трка да затвори пет поглавја во декември, но уште има задачи што мора да ги заврши до 10 декември. Иако некои земји-членки се резервирани, во Брисел постои оптимизам дека целите ќе бидат исполнети. Единственото поглавје што сигурно се одложува е Поглавје 31 – поради ризик од евентуална блокада од Хрватска.

















