ПРВ.мк
Македонија

Жичницата на Водно сè уште не работи, Град Скопје одвои уште 25 милиони денари

Жичницата на Водно сè уште не работи, Град Скопје одвои уште 25 милиони денари

Град Скопје ќе одвои дополнителни 25 милиони денари за реконструкција на жичницата од Средно Водно до Милениумскиот крст, која веќе неколку месеци не е во функција.

Одлуката беше изгласана на денешната седница на Советот на Град Скопје. Со новите средства и претходно одобрените 20 милиони денари, вкупната сума наменета за жичницата достигнува 45 милиони денари.

Во образложението се наведува дека дополнителните средства треба да овозможат реализација на реконструкцијата, подобрување на техничката и функционалната состојба на системот, како и зголемување на безбедноста и сигурноста за патниците.

Жичницата не работи веќе неколку месеци. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, претходно изјави дека таа не била соодветно сервисирана и дека не е безбедна за користење.

Новото издвојување средства предизвика реакции кај советниците од Левица. Тие најавија дека нема да ја поддржат одлуката, посочувајќи дека претходно веќе биле обезбедени 20 милиони денари, додека сега сумата се зголемува за дополнителни 25 милиони. Како проблем го посочија и тоа што сè уште не е избран сервисер и работите не се започнати.

Од советничкото мнозинство, пак, било посочено дека сервисирањето може да го изврши фирмата која ја изградила жичницата. Според нив, неопходно е Градот финансиски да му помогне на ЈСП „Скопје“, кое стопанисува со жичницата, поради финансиската состојба на претпријатието.

На седницата останало неодговорено прашањето зошто реконструкцијата и сервисирањето сè уште не започнале.

Со последната одлука, за повторно ставање на жичницата во безбедна и функционална состојба се предвидени вкупно 45 милиони денари, односно околу 730.000 евра.