ПРВ.мк
Балкан

Тројца мажи пронајдени мртви на стрелиште, полицијата трага по вооружен осомничен

Тројца мажи пронајдени мртви на стрелиште, полицијата трага по вооружен осомничен

Голема полициска акција е во тек во Даниловград, Црна Гора, откако на стрелиште во близина на градот биле пронајдени безживотните тела на тројца мажи.

Според информациите од црногорската полиција, околу 17 часот сопственикот на стрелиштето „Чешка збројевка“ ја известил дежурната служба дека во објектот затекнал три машки тела.

Полицијата веднаш излегла на терен, а во поширокото подрачје биле воспоставени засилени контроли. Регионалните медиуми објавуваат дека се запираат и проверуваат возила кои се движат од Даниловград кон Подгорица.

Според последните информации наведени во извештајот, жртвите се П.Г. (24) од Подгорица, М.Р. (67) од Даниловград и Н.К. (20) од Подгорица. Се наведува дека тројцата биле вработени на стрелиштето, односно работеле како инструктори.

Полицијата ги повикала граѓаните да останат во своите домови додека трае потрагата по осомничениот вооружен сторител.

По налог на државен обвинител од Вишото државно обвинителство во Подгорица се врши увид и се преземаат истражни активности за целосно расветлување на случајот.

Во тек е криминалистичката обработка на местото на настанот, а полицијата работи на утврдување на сите околности под кои било употребено огнено оружје.

Засега не се соопштени мотивот за нападот, идентитетот на осомничениот, ниту деталите за тоа што точно се случувало непосредно пред пукањето.

Црногорската полиција најави дека дополнителни информации ќе бидат објавени по завршувањето на првичните истражни активности.