Франција воведува построги правила за употребата на мобилни телефони во образованието, а од почетокот на учебната 2026 година ограничувањата ќе бидат проширени и во средните училишта.
Францускиот претседател Емануел Макрон порача дека целта е учениците да поминуваат помалку време пред екраните во текот на училишниот ден и да имаат повеќе простор за учење и директна комуникација со своите врсници.
Новата политика претставува продолжување на мерките што Франција ги спроведува од 2018 година, кога беа воведени ограничувања за користењето мобилни телефони кај помладите ученици.
Според Макрон, заштитата на децата од негативните ефекти од прекумерното користење екрани повеќе не треба да се одложува, а училиштето треба да биде средина со што помалку дигитални одвлекувања.
Францускиот министер за образование Едуар Жефри посочи дека начинот на спроведување на мерката ќе може да се приспособува на условите и специфичностите на секое училиште.
Средните училишта уште во јули добиле инструкции и прирачник за спроведување на новите правила, а мерката била усвоена од францускиот парламент кон крајот на истиот месец.
Сепак, за целосна примена потребни се и измени во внатрешните училишни правила, што подразбира консултации со ученичките претставници и училишните одбори. Поради летниот распуст, дел од училиштата не успеале навреме да ја завршат процедурата.
Со новите правила, француските власти очекуваат да го намалат користењето мобилни уреди во текот на училишниот ден и да создадат средина во која вниманието на учениците ќе биде повеќе насочено кон наставата и меѓусебната комуникација.






