Иран упати остро предупредување до администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп по новиот американски напад врз иранска територија, оценувајќи го потегот на Вашингтон како „стратешка и фатална грешка“.
Американските сили нападнаа два ракетни лансери на островот Ларак во Ормускиот теснец. Според иранската Револуционерна гарда, во нападот загинале две лица, додека уште две биле повредени.
Американската Централна команда соопшти дека станувало збор за ограничена и прецизна операција против капацитети кои, според Вашингтон, биле поврзани со поставување морски мини и претставувале непосредна закана за пловидбата низ Ормускиот теснец.
По американската акција следуваше ирански одговор. Техеран изврши ракетни напади насочени кон американски воени позиции во Јордан, а јорданската војска соопшти дека пресретнала осум ракети. Иранските државни медиуми објавија и дека со беспилотни летала била нападната воздухопловната база Ал Минхад во Обединетите Арапски Емирати, каде што се распоредени американски сили.
Портпаролот на Револуционерната гарда, Хосеин Мохеби, оцени дека американската администрација направила „стратешка и фатална грешка“ и предупреди дека Вашингтон може да се соочи со економски и воени последици.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, пак, порача дека Техеран не сака војна, но нема да остане без одговор доколку земјата повторно биде нападната.
Новата размена на напади дополнително ги зголемува тензиите во регионот, особено околу Ормускиот теснец – една од најважните светски рути за транспорт на нафта и гас.
Според објавените информации, ова е првиот познат американски напад врз иранска територија откако Трамп ги прекина обновените американски воени операции кон крајот на јули.






