Од 1 септември започнува новото законско усогласување на пензиите, но пензионерите сè уште немаат официјална информација за точниот процент со кој ќе се зголемат нивните примања.
Според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, пензиите се усогласуваат врз основа на движењето на трошоците за живот и растот на просечно исплатената нето-плата. Податоците за првото полугодие од годинава во однос на претходното полугодие се основа за пресметката на новото зголемување.
Иако усогласувањето започнува од 1 септември, зголемените пензии треба да им бидат исплатени на пензионерите на 1 октомври.
Точниот процент, сепак, сè уште не е официјално објавен.
Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски неодамна изјави дека конечниот износ се очекува да биде познат на почетокот на септември. Според неговите досегашни процени, зголемувањето би можело да се движи меѓу 3 и 3,5 проценти.
Државниот завод за статистика веќе ги објави податоците за движењето на платите и инфлацијата за првото полугодие, што значи дека се создадени услови за пресметување на процентот на усогласување.
Експертката за пензиски системи Јадранка Мршиќ, во изјава за „Слободен печат“, посочува дека начинот на кој се објавуваат овие податоци создава простор за различни процени и шпекулации во јавноста.
Според неа, усогласувањето на пензиите не треба да се третира како политичка одлука или дополнителна помош, туку како законски утврден механизам преку кој пензиите се приспособуваат на економските движења.
Во членот 37 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување е наведено дека усогласувањето се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 проценти и растот на просечно исплатената плата на сите вработени во земјата во висина од 50 проценти.
Законот предвидува усогласување двапати годишно – на 1 март и на 1 септември.
Процентот се добива со комбинирање на порастот на индексот на трошоците на животот во претходното полугодие и порастот на просечно исплатената плата во истиот период, во споредба со полугодието што му претходи.
Тоа значи дека конечната сума што секој пензионер ќе ја добива ќе зависи од неговата досегашна пензија и од официјално утврдениот процент на усогласување.
Засега останува да се почека официјалната пресметка, по што ќе стане јасно колку точно ќе изнесува септемвриското зголемување и колкав износ ќе легне на сметките на пензионерите со октомвриската исплата.








