Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ бележи значаен напредок во военото образование, сајбер-безбедноста, дигиталната трансформација, научно-истражувачката работа и меѓународната соработка.
Ова го истакна министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој присуствуваше на брифинг на кој беа презентирани резултатите постигнати во изминатата академска година.
Според Мисајловски, Воената академија има клучна улога во создавањето и професионалното усовршување на идните македонски офицери, питомци и припадници на Армијата. Во установата се образуваат и кадри од сојузничките и партнерските земји.
Министерот упати честитки до деканот, раководството и професорскиот кадар за постигнатите резултати и за работата на подобрување на квалитетот на наставата и меѓународната препознатливост на Академијата.
Тој најави дека Министерството за одбрана ќе продолжи со поддршката и вложувањата во инфраструктурата, како и во создавањето современи услови за образование и обука.
„Инвестицијата во Воената академија е инвестиција во знаењето, професионалноста и иднината на македонската Армија“, порача Мисајловски.









