Познатиот пејач на албанска народна музика Азиз Мурати е 48-годишниот скопјанец кој беше ранет со огнено оружје на влезот во селото Арачиново, објавуваат повеќе медиуми.
Инцидентот се случил во раните утрински часови на 8 септември.
Според официјалните информации на Министерството за внатрешни работи, околу 01:50 часот од ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив бил донесен А.М. (48) од Скопје со повреди од огнено оружје.
Според пријавеното, 48-годишникот бил ранет на влезот во Арачиново, откако од возило кон него пукало лице кое го познавал од претходно. Со напаѓачот во возилото се наоѓало уште едно лице.
По пукањето, повредениот бил пренесен во болницата „Св. Наум Охридски“ во Скопје.
Медиумите објавија дека станува збор за Азиз Мурати, познат изведувач на албанска фолклорна музика од Скопје, кој подолг период е присутен на музичката сцена и настапува на свадби и семејни прослави.
Според последните информации, неговата здравствена состојба е стабилна.
Од Министерството за внатрешни работи засега не соопштуваат дополнителни детали за идентитетот на лицето кое пукало, ниту за мотивот за нападот.
Полицијата продолжува со преземање мерки за целосно расчистување на случајот.








