Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кој повеќе од една година беше недостапен за македонските органи на прогонот, утрово се појавил на граничниот премин Долно Блаце и бил лишен од слобода.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, Бајрами во 05:35 часот се пријавил на граничниот премин при влез во Македонија.
Триесет и тригодишниот Бајрами бил баран со меѓународна потерница по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје од 17 декември 2024 година.
Веднаш по проверката на потерницата бил уапсен, а потоа спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Скопје.
Бајрами е поранешен директор на Државна лотарија и е опфатен во предметот за сомнителните набавки во државната компанија. Тој се товари за злоупотреба на службената положба и овластување во врска со набавката на видеолотариски терминали.
Во истиот предмет е опфатен и поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој исто така подолг период беше недостапен за органите на прогонот.
Груби се врати во Македонија на 23 февруари годинава преку граничниот премин Блаце, по околу 14 месеци бегство. По приведувањето првично беше спроведен во затвор, а истиот ден Кривичниот суд му определи куќен притвор со дополнителни мерки за обезбедување присуство.
Со денешното предавање и Перпарим Бајрами станува достапен за судската постапка која се води за случајот со Државна лотарија.
За него претходно судот донесе решение постапката да продолжи и во негово отсуство бидејќи беше во бегство.
Сега следуваат понатамошните постапки пред надлежните институции, а неговата кривична одговорност треба да биде утврдена во судска постапка.








