ПРВ.мк
Македонија

„Овде има прекрасни луѓе“: Дејвид Гета со порака за Македонија пред преполниот „Тодор Проески“

„Овде има прекрасни луѓе“: Дејвид Гета со порака за Македонија пред преполниот „Тодор Проески“

Скопје вчеравечер беше центар на голем музички спектакл. Светската диџеј ѕвезда Дејвид Гета настапи пред околу 50.000 луѓе на Националната арена „Тодор Проески“, каде го донесе своето грандиозно „The Monolith Stadium Show“.

Концертот, организиран како големо финале на прославата на 35 години независност на Македонија, понуди повеќе од два часа музика, пиротехника, моќни светлосни ефекти и продукција каква што ретко се гледа на македонските сцени.

Вечерта започна со настапите на македонското диџеј трио SEMPRE и DJ Nikifor, кои ја загреаја публиката пред појавувањето на главната ѕвезда.

Кога Дејвид Гета излезе на сцената, стадионот експлодираше од овации.

„Неверојатно е што после 10 години сум повторно тука. Ова е прекрасно место. Македонијо, дали сме подготвени?“, порача Гета на почетокот од својот настап.

Следуваше вистински аудиовизуелен спектакл. Огромната конструкција „Monolith“, ЛЕД-екраните, пиротехниката, огнот, чадот и светлосните ефекти го претворија стадионот во огромна футуристичка сцена.

Гета ги редеше своите најголеми хитови и препознатливи ремикси, а десетици илјади луѓе пееја, скокаа и танцуваа во ист ритам.

Светската ѕвезда во повеќе наврати комуницираше со публиката, а особено внимание привлече неговата порака за Македонија.

„Пред да дојдам во Македонија не знаев што да очекувам... овде има прекрасни луѓе“, им порача Гета на присутните.

Францускиот диџеј очигледно беше воодушевен од атмосферата и пречекот, а за македонската публика подготви и дополнително изненадување.

За време на сетот тој премиерно пушти и своја нова песна, најавувајќи дека официјално ќе биде објавена следниот петок.

Вчеравечер на „Тодор Проески“ не се одржа само уште еден концерт. Илјадници луѓе заедно создадоа атмосфера која долго ќе се памети, а Скопје за една вечер стана дел од големата светска приказна на „The Monolith Stadium Show“.

Настапот на Дејвид Гета беше спектакуларно финале на одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Македонија.