Атина Тошиќ, постарата ќерка на Јелена Карлеуша и поранешниот фудбалер Душко Тошиќ, од октомври започнува ново животно поглавје во Милано, каде ќе студира моден менаџмент на престижен универзитет.
Според информациите што ги пренесуваат српските медиуми, нејзините родители сакаат максимално да ѝ го олеснат престојот во италијанската престолнина на модата, а наводно веќе избрале и стан во близина на универзитетот.
Станот, според неофицијалните информации, се наоѓа на атрактивна локација, на околу десет минути возење од познатата катедрала Дуомо и улицата Монтенаполеоне, една од најпознатите луксузни шопинг-зони во Милано.
Карлеуша претходно јавно потврди дека семејството бара стан и дека таа и Душко Тошиќ планираат да се менуваат за некој од нив постојано да биде во близина на Атина.
„Или Душко или јас ќе бидеме постојано со неа. Така се договоривме“, изјави Карлеуша, нагласувајќи дека безбедноста на нивната ќерка им е на прво место.
Само школарината може да достигне речиси 90.000 евра
Особено внимание привлекува и цената на студиите.
Според јавно објавените цени на образовната институција, годишната школарина за студенти кои доаѓаат од земји надвор од Европската Унија изнесува околу 25.800 евра.
Дополнително се плаќа и уписнина од околу 4.000 евра годишно.
Тоа значи дека една година студирање може да чини околу 29.800 евра, а бидејќи програмата трае три години, вкупниот трошок само за школарина и упис може да се приближи до 90.000 евра.
Во оваа сума не се вклучени трошоците за сместување, храна, транспорт и секојдневен живот во Милано.
Атина избрала моден менаџмент
Студиите што ги избрала Атина не се класичен моден дизајн.
Програмата е насочена кон бизнис-страната на модната индустрија и опфаќа области како управување со брендови, маркетинг, деловен развој, комуникација, проектен менаџмент и анализа на модните трендови.
Студентите по завршувањето можат да градат кариера како бренд-менаџери, бајери, менаџери во малопродажба и големопродажба, мерчендајзери или деловни аналитичари во модната индустрија.
Блискиот соработник на Карлеуша, Зоран Бирташевиќ, исто така потврди дека Атина го избрала модниот менаџмент и дека студиите треба да ги започне во октомври.
Карлеуша и претходно зборуваше дека многу ѝ значи образованието на нејзините ќерки и тврдеше дека Атина била примена на повеќе престижни европски факултети.
Сега, со преселбата во Милано, ќерката на поранешната славна двојка ќе се најде во еден од најважните светски центри на модата, каде ќе се обиде да ја изгради својата идна професионална кариера.









