Скопје вечерва е во знакот на големиот музички спектакл по повод 35 години независност на Македонија. Националната арена „Тодор Проески“ се полни со десетици илјади посетители кои го очекуваат настапот на светската диџеј ѕвезда Дејвид Гета.
Музичката програма веќе започна, а за загревање на публиката се погрижи македонското диџеј трио „Sempre“. По нив настапува диџеј Никифор, пред сцената да ја преземе Гета со спектакуларното „The Monolith Show“. Организаторите претходно потврдија дека токму „Sempre“ и Никифор ќе настапат пред светската ѕвезда.
Интересот за концертот беше огромен уште од првиот ден на продажбата. Сите 50.000 влезници биле распродадени за помалку од 12 часа, а во еден момент повеќе од 250.000 луѓе се обидувале да пристапат до системот за продажба.
Официјалната страница на прославата исто така го означува концертот како целосно распродаден.
За спектаклот се користат и трибините и теренот на Националната арена, а огромниот интерес го вбројува вечерашниот концерт меѓу најмасовните музички настани организирани во Македонија.
Гета во Скопје го носи својот стадионски спектакл „The Monolith Show“, продукција создадена за настапи пред десетици илјади посетители.
Концертот претставува и големото финале на повеќенеделната програма со која низ Македонија се одбележува 35-годишнината од независноста. Официјалната програма траеше од 2 август до 8 септември, а завршува токму со настапот на Дејвид Гета во Скопје.
Сега сè е подготвено за главниот момент – Дејвид Гета пред преполната Национална арена „Тодор Проески“.









