ПРВ.мк
Црна Хроника

Нови детали за убиството во Скопје: Младиот Амир наводно бил случајна жртва – напаѓачите целеле во други лица

Нови детали за убиството во Скопје: Младиот Амир наводно бил случајна жртва – напаѓачите целеле во други лица

Нови детали се појавуваат за вооружениот напад во скопски Дуќанџик, во близина на Пластичарска улица, во кој животот го загуби млад скопјанец.

Според објави на социјалните мрежи и информациите што ги пренесуваат повеќе медиуми, станува збор за Амир Мурати. Во јавноста се појави и негова фотографија.

Неофицијалните информации што ги пренесува „Inbox“ велат дека младиот човек наводно воопшто не бил цел на нападот. Според овие наводи, напаѓачите пукале кон други лица кои биле во негово друштво, а еден од куршумите го погодил Амир.

Оваа верзија на настанот засега не е официјално потврдена од полицијата или од Обвинителството.

Според официјалните информации на МВР, вооружениот напад бил пријавен на 6 септември околу 23:30 часот, во близина на раскрсницата меѓу улиците „Прохор Пчински“ и „Војдан Чернодрински“ во Скопје.

Во тој момент Д.Г. (29), А.Џ. (24), К.Б. (36), Е.Б. (25) и А.М. (26), сите од Скопје, стоеле пред излог на фирма. Пред нив застанал мотоцикл на кој имало две лица, по што било пукано со огнено оружје кон групата.

Напаѓачите веднаш потоа побегнале.

Еден од проектилите го погодил А.М., кој со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“. И покрај обидите на лекарите да му го спасат животот, тој починал од здобиените повреди.

Полицијата и Обвинителството продолжуваат со истрагата, а од местото на нападот биле обезбедени траги кои треба да бидат предмет на вештачење. Наредена била и обдукција на телото.

„Телма“, повикувајќи се на неофицијални информации, објави дека истражителите ја проверуваат и можноста зад нападот да стои пресметка меѓу криминални групи. Сепак, мотивот и евентуалната поврзаност со организирани криминални структури засега не се официјално потврдени.

Идентитетот на напаѓачите и официјалниот мотив за вооружениот напад сè уште не се соопштени, а надлежните продолжуваат со преземање мерки за целосно расчистување на случајот.