Двајца работници завршиле во болница по одделни несреќи при работа на подрачјето на Скопје, информира Министерството за внатрешни работи.
Во првиот случај, 19-годишен работник од скопско се здобил со тешки телесни повреди додека извршувал работни задачи на објект во изградба во Ѓорче Петров.
Како што соопшти МВР, на 7 септември во 14:20 часот од Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен О.Е. (19) од село Света Петка, Скопско.
Според пријавеното, младиот работник се повредил додека работел за градежна фирма на објект во изградба.
За случајот бил известен трудов инспектор, а увид на местото извршила екипа на СВР Скопје. Полицијата презема мерки за целосно расчистување на настанот.
Речиси во исто време бил пријавен и втор инцидент при работа.
Во 14:15 часот, од комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека со повреди бил донесен И.Б. (39) од село Батинци.
Според информациите на полицијата, 39-годишниот маж се повредил додека извршувал работни задачи во каменолом на подрачјето на Скопје.
Надлежните служби ги утврдуваат сите околности поврзани со двата инциденти.






