ПРВ.мк
Македонија

На Денот на независноста голема промена во Охрид: Аеродромот доби нов современ лик

На Денот на независноста голема промена во Охрид: Аеродромот доби нов современ лик

Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид доби целосно нов и современ лик по реконструкцијата на терминалната зграда, а модернизираниот простор беше промовиран токму на Денот на независноста – 8 Септември.

Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски истакна дека станува збор за значајна промена на охридскиот аеродром, каде последните поголеми интервенции на терминалот биле направени пред 56 години.

„За само две години успеавме аеродромот ‘Св. Апостол Павле’ во Охрид да добие нов современ лик, олицетворение на Охридскиот регион“, порача Николоски.

Според него, новиот изглед и подобрените услови треба да овозможат поквалитетно искуство за патниците, но и дополнително да го зголемат интересот на туристите и авиокомпаниите за Охрид.

Модернизацијата опфаќа реконструиран патнички терминал, проширени простори за патниците, зголемен број шалтери, подобрени зони за безбедносна контрола и рачен багаж, реорганизиран паркинг и нова опрема. Инвестицијата изнесува околу 2,7 милиони евра.

Николоски посочи дека бројките во авиосообраќајот се над очекувањата и дека охридскиот аеродром од почетокот на годината досега има повеќе од 240.000 патници.

Паралелно со реконструкцијата на аеродромот, продолжуваат и инфраструктурните зафати во регионот.

Министерот го посочи автопатот Охрид–Кичево, нагласувајќи дека делницата до аеродромот веќе овозможува побрзо поврзување со Охрид, а очекувањата се изградбата на целиот автопат дополнително да ја подобри пристапноста на регионот.

Посебен акцент при реконструкцијата е ставен и на културното наследство на Охрид.

Во терминалот се поставени реплики на мозаици инспирирани од оние во стариот дел на градот и Плаошник, како и реплика на фрески од црквата „Св. Софија“.

Николоски оцени дека на тој начин охридскиот аеродром не е само место за пристигнување и заминување на патници, туку и своевиден „мал музеј“ кој уште при влезот во земјата го претставува културното богатство на Охридскиот регион.

Реконструираниот дел на аеродромот беше свечено пуштен во употреба на 8 септември, а на настанот присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски.