Во Крива Паланка избувна вистинска драма кога поранешниот сопственик на повеќе од 500 крави беше приведен по жесток судир со полицијата и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство. Екипите дошле да го спроведат решението за одземање на добитокот, но мажот се спротивставил со силен отпор, проследен со вреќање и пoвисоки тонови, пред конечно да биде совладан и спроведен во полициската станица.
Од Основното јавно обвинителство Куманово потврдуваат дека е отворен предмет кој ќе се води по брза постапка. Утре обвинителството треба да го добие официјалниот извештај од полицијата, по што ќе одлучи за понатамошните мерки.
Не смирува ниту незадоволството кај жителите од околните села. Минатата недела тие излегоа на протест поради огромната штета што стада крави со години им ја предизвикуваат врз посевите. Според земјоделците, само во една сезона биле уништени стотици тони земјоделски производи, а ситуацијата станала неподнослива – добитокот, велат тие, слободно се движи и гази цели ниви, додека сопственикот и неговите ќерки упатувале и закани по поднесените пријави.
Според последните бројки, мештаните тврдат дека проблемот опфаќа речиси 800 грла добиток кои континуирано предизвикуваат штета. Иако трае повеќе од една деценија, последниве години ситуацијата станала драматично полоша, поради што селаните бараат итна и решителна реакција од институциите.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство соопштуваат дека поради несоодветни услови за чување и одгледување на добитокот, од сопственичките веќе биле одземени дваесетина грла. Акцијата продолжува, иако, како што велат од таму, се одвива во исклучително отежнати околности.
Дел од жителите вината ја лоцираат кај Јавното обвинителство, тврдејќи дека полицијата редовно поднесувала пријави, но постапки не биле покренувани сè до сега.
Последниве месеци случајот предизвика голема бура и на социјалните мрежи. Во јавноста се појави видео снимено од ќерката на сопственикот на кравите, во кое се гледа моментот кога инспекторите се обидуваат да ја спроведат одлуката за одземање на добитокот. На снимката се слушаат вресоци, плачење и обиди да се спречи интервенцијата, додека полицијата настојува да ја спроведе службената процедура.
Долготрајниот конфликт меѓу семејството и локалните жители кулминира токму сега – со приведување, отворена истрага и надеж кај земјоделците дека конечно ќе има решение за проблемот што ги мачи повеќе од десет години.

















