Граѓаните на Кавадарци нема да плаќаат поскапи комунални услуги. Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, остана доследен на своето ветување дадено пред околу еден месец, дека нема да дозволи удар врз семејниот буџет на граѓаните преку зголемување на цените на комуналиите.
На денешната Шеснаесетта седница на Советот на Општина Кавадарци, Јанчев изнесе јасен и цврст став дека не се согласува со предложените одлуки за корекција и зголемување на цените на водата за пиење, како и на надоместокот за одведување на отпадни води. Притоа, тој нагласи дека кавадарчани и понатаму ја имаат најевтината вода за пиење.
Неговиот став доби целосна поддршка и во градскиот парламент – советниците едногласно гласаа против какви било покачувања на овие услуги.
Во време кога трошоците за живот секојдневно растат, Општина Кавадарци со оваа одлука уште еднаш покажува дека одговорното локално управување значи директна грижа за секое домаќинство, обезбедувајќи сигурно и квалитетно водоснабдување по најниска цена за своите сограѓани.






