Силниот ветер од југозападен правец утрово предизвика проблеми на повеќе патни правци, при што на коловозот паднаа семафор, канделабра и дрвја. Од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека дел од пречките веќе се отстранети, додека на одредени локации сè уште се работи на расчистување.
На патниот правец А2, на релацијата Гостивар – Стража – Кичево, кај клучката „Гостивар“, поради силниот ветер паднале семафор и една канделабра. Екипите на ЈП „Македонија пат“ навремено ги отстраниле од коловозот, со цел да се овозможи безбедно одвивање на сообраќајот.
На истиот патен правец на неколку места имало и паднати дрвја, кои исто така биле отстранети од дежурните екипи.
Проблеми предизвикани од ветерот имало и на патот Скопје – Тетово. Пред Карпалак паднало дрво на коловозот, но дежурните екипи успеале да го отстранат.
Сепак, на регионалниот пат Р1206, на релацијата Тетово – Скопје, има паднати дрвја на коловозот, а екипите на ЈП „Македонија пат“ работат на нивно отстранување и нормализирање на сообраќајот.
Поради неповолните временски услови, од АМСМ апелираат до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ја приспособат брзината на условите на патот и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација.







