Случаите на насилство меѓу малолетници во Македонија сè почесто ја загрижуваат јавноста, а само во еден ден беа регистрирани три нови инциденти во кои деца биле жртви на напади од други малолетници.
Во скопско Радишани, дете било нападнато од други малолетници во училишен тоалет. Во скопски Бит Пазар, девојче било нападнато од група малолетнички, а инцидентот бил снимен од малолетник и видеото подоцна се проширило на социјалните мрежи. Третиот случај бил регистриран во Кавадарци, каде што девојче било нападнато од малолетнички, при што една од нив го изгорела со цигара.
Овие инциденти се само дел од низата случаи на малолетничко насилство што во последно време се регистрираат во земјава. Проблемот станува сè посериозен, додека институциите и родителите сè уште не успеваат да најдат ефикасен начин за негово спречување и справување со последиците.
Во мај годинава беше најавено дека ќе се воведат законски измени со кои родителите на малолетници што вршат насилство ќе се казнуваат со 250 евра. Истата казна беше предвидена и за родителите кои одбиваат да соработуваат со училиштата и надлежните институции во решавањето на ваквите проблеми.
Сепак, најавените измени на Законот за основно образование сè уште не се усвоени, па предвидените санкции досега не стапија во сила.
За поефикасно справување со малолетничкото насилство, се посочува дека ќе бидат потребни и промени во други законски решенија, како и посериозен пристап и поостри санкции.
Засега, покрај осудата на ваквите инциденти, нема конкретни и системски решенија што би можеле да придонесат за спречување на насилството меѓу децата. Во справувањето со проблемот неопходна е вклученост на институциите, училиштата и родителите, со цел навремено реагирање и спречување на нови случаи.







