ПРВ.мк
Македонија

Укинатите пресуди за „Ласкарци“ и Јакимовски отворија сериозно прашање – Калач предупредува на системски проблем

Укинатите пресуди за „Ласкарци“ и Јакимовски отворија сериозно прашање – Калач предупредува на системски проблем

Одлуките на Врховниот суд во предметите „Ласкарци“ и за Стевче Јакимовски претставуваат сериозен аларм за системските слабости во македонското правосудство, оценува адвокатот Јасмин Калач.

Во изјава за „Локално“, Калач посочува дека еден од клучните проблеми е постојниот Закон за кривична постапка, кој, според него, не е соодветно поставен за водење големи и сложени судски предмети со десетици обвинети.

Тој смета дека ваквите долготрајни процеси, кои неретко траат со години, создаваат простор за суштински процесни повреди и грешки. Токму тие пропусти подоцна можат да бидат причина повисоките судови да ги укинуваат донесените пресуди и предметите да ги враќаат на повторно судење.

Калач оценува дека сличен ризик постои и кај новиот предмет „Пулс“, кој го води ОЈО Скопје.

Според адвокатот, дополнителен проблем е притисокот врз пониските судови да донесат осудителна пресуда „по секоја цена“.

„Пониските судови сè почесто подлегнуваат на притисокот да донесат осудителна пресуда по секоја цена, ставајќи се во служба на обвинителството и импровизирајќи со доказите“, оценува Калач.

Неговата порака е дека правдата не може да се темели врз процесни грешки, бидејќи таквиот пристап на крајот може да доведе до укинување на пресудите и повторување на долгогодишни судски постапки.