Дел од граѓаните се соочуваат со ситуација да немаат исплата од „МојДДВ“, а од Управата за јавни приходи објаснуваат дека причината најчесто е поврзана со регистрацијата и статусот на профилот во системот.
Од УЈП информираат дека за користење на апликацијата „МојДДВ“, потребно е корисниците успешно да се регистрираат и да добијат одобрување во системот е-Даночни услуги. Без активен и одобрен профил, апликацијата нема да може да се користи целосно.
Институцијата посочува дека доколку профилот сè уште не е одобрен, граѓаните треба лично да ја посетат најблиската организациона единица на УЈП и да понесат документ за идентификација за да се заврши постапката за одобрување.
„Одобрен профил е клучот за користење на сите придобивки од апликацијата МојДДВ“, велат од УЈП.
Апликацијата „МојДДВ“ им овозможува на корисниците да скенираат фискални сметки и да добијат поврат на дел од платениот данок на додадена вредност, но за тоа неопходно е профилот да биде целосно активиран и одобрен.










