Скопје повторно добива ветување за подобар јавен превоз, откако е повторно распишан тендерот за набавка на 100 нови автобуси. По години проблеми со доцнења, недостиг од возила и пренатрупани линии, останува прашањето дали овојпат граѓаните конечно ќе добијат подобра услуга.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во гостување во емисијата „Само интервју“, изјави дека постапката за набавка на автобусите повторно е активирана и очекува овојпат да заврши успешно.
Според најавите, набавката на 100 автобуси ќе се реализира со поддршка од Владата, додека паралелно Град Скопје планира дополнително да обезбеди уште 40 автобуси за идниот брз автобуски систем – БРТ.
Ѓорѓиевски најави дека административните процедури за БРТ треба да завршат до крајот на годинава, а веќе следната година да започне реализацијата на проектот.
„Постапките треба да ги завршиме до крајот на оваа година, здравје од наредната да ставиме темели“, изјави тој.
Новата постапка доаѓа во време кога јавниот превоз останува еден од најголемите проблеми за скопјани. Секојдневните доцнења, ретките линии, преполните автобуси и недоволниот број возила со години создаваат незадоволство кај патниците.
Поради тоа, оваа набавка за многумина не претставува само административна процедура, туку можност конечно да се намали чекањето по станици, да се подобри поврзаноста низ градот и да се врати довербата во јавниот превоз.
Во интервјуто, градоначалникот зборуваше и за други проекти, посочувајќи дека се спроведуваат ревизии и постапки од финансиската полиција и други институции, при што најави и можна одговорност во одредени случаи.
Во делот на комуналните услуги, информираше дека е завршена тендерската постапка за набавка на 40 нови камиони, меѓу кои и цистерни за миење улици, како и нов систем за транспорт на отпад преку претоварни станици.
Сепак, за најголем дел од граѓаните, клучното прашање останува исто – дали овојпат новите автобуси навистина ќе стигнат на улиците или Скопје повторно ќе остане со старите проблеми и долгото чекање по автобуските постојки.









