Реновирањето на поранешната зграда на Комерцијална банка влегува во завршна фаза, а властите веќе откриваат кои државни институции ќе се преселат во објектот откако ќе биде целосно подготвен за употреба.
Директорот на Служба за општи и заеднички работи, Ивица Томовски, изјави дека два дела од објектот – Нов дел и Бисер – веќе се целосно завршени, додека во тек се последните активности во таканаречениот Стар дел.
Според него, таму во моментов се изведуваат машински и електро работи, се поставуваат подови и се менува внатрешната инфраструктура, а крајниот рок за завршување е 20 јуни. Томовски потенцираше дека доколку рокот не биде испочитуван, ќе следуваат пенали и активирање на банкарска гаранција.
„Секојдневно сме на терен и минимум двапати неделно одржуваме состаноци со проектантите, ревидентите и изведувачите. Според информациите што ги добиваме, можно е сè да биде завршено во предвидениот рок“, изјави Томовски.
Покрај реновирањето, веќе се прават и планови за тоа кои институции ќе бидат сместени во објектот. Целта, според надлежните, е државата да заштеди значителни средства што сега се трошат за закупнини, но и да се обезбедат подобри услови за работа според европските стандарди.
Меѓу институциите што се споменуваат за преселување се МИА, Министерство за европски прашања, дел од Министерство за животна средина, како и Инспекторатот кој моментално е сместен во Државниот завод за ревизија.
Дополнително, се разгледува можноста таму да бидат сместени и Лотарија на Македонија, Второстепената комисија по жалби од работен однос, Националната агенција и Агенцијата за иселеништво.
Томовски објасни дека преселувањето нема да биде направено механички, туку ќе се применува рационализација на просторот со цел институциите да добијат функционални и современи услови за работа.
Според него, ќе се почитуваат европските стандарди според кои за секој вработен треба да има меѓу 4 и 6 квадратни метри работен простор. На тој начин, како што вели, ќе се избегнат ситуации во кои огромни канцеларии ги користат само по еден или двајца вработени.
„Правиме фузирање и рационализација на просторот. Сакаме институциите да добијат соодветни услови, а просторот да биде распределен реално и ефикасно“, посочи директорот на СОЗР.
Со завршувањето на реконструкцијата, старата зграда на Комерцијална банка треба да стане нов административен центар за повеќе државни институции кои досега функционирале во изнајмени простории низ Скопје.










