ПРВ.мк
Свет

ФОН ДЕР ЛАЈЕН УДРИ ОСТРО: „Преминавте уште една црвена линија“

ФОН ДЕР ЛАЈЕН УДРИ ОСТРО: „Преминавте уште една црвена линија“

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, остро реагираше по инцидентот во романскиот град Галац, каде руски дрон погоди станбена зграда и повреди цивили, оценувајќи дека Москва повторно ја преминала границата на прифатливото.

Во објава на социјалната мрежа Икс, Фон дер Лајен посочи дека нападот погодил густо населена област во Романија и директно погодил цивили на територијата на Европската Унија.

„Руската агресорска војна премина уште една црвена линија. Руски напад со дрон погоди густо населена област во Романија и повреди цивили на територијата на Европската Унија“, напиша таа.

Според неа, Европската Унија останува целосно на страната на Романија и нејзините граѓани, а Брисел ќе продолжи да ги зајакнува безбедносните и одбранбените механизми, особено долж источните граници на Унијата.

Фон дер Лајен порача и дека притисокот врз Москва дополнително ќе се интензивира, нагласувајќи дека европските институции веќе работат на нов пакет мерки.

Како дел од одговорот на продолжените руски напади и ескалацијата на конфликтот, Европската Унија веќе подготвува 21. пакет санкции против Русија.

Изјавата на претседателката на Европската комисија доаѓа во момент на зголемени тензии и засилени безбедносни стравувања по последните случувања во близина на источните граници на ЕУ.