Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави дека најдоцна за една недела сите ученици од основното училиште „Киро Глигоров“ во Општина Центар повторно ќе следат настава со физичко присуство.
Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието од Сања Лукаревска од СДСМ, Јаневска објасни дека во моментов дел од наставата се одвива онлајн поради градежните активности за доградба на училиштето.
„За една недела сите ќе учат со физичко присуство“, порача Јаневска, посочувајќи дека конкретната организација на наставата е во надлежност на директорката на училиштето.
Лукаревска посочи дека реконструкцијата започнала на 7 август, иако договорот меѓу Министерството за образование и наука и Општина Центар бил склучен уште во февруари. Според Јаневска, доцнењето било последица на административните процедури. Проектот бил предаден во архива на 18 мај, барањето било внесено во системот на 3 јуни, а одобрението било издадено на 28 јули.
Министерката истакна дека МОН има коректна соработка со Општина Центар и со училиштето, но повтори дека начинот на кој се организира наставата не е во нејзина директна надлежност.
Јаневска во Собранието упати и критики кон опозицијата, обвинувајќи ја дека образованието и здравството ги користи за политички поени.
„Тргнете ги рацете од образованието и од здравството. Суштински се за младите“, порача министерката, додавајќи дека политичките партии треба да се натпреваруваат со добри проекти, наместо со собирање лајкови и гласови.
Таа се осврна и на намалувањето на бројот на ученици и паралелки, нагласувајќи дека ниту еден наставник не останал без работа. Како еден од предизвиците го посочи и стареењето на населението, поради што дел од празните образовни објекти, по барање на општините, се пренаменуваат за други потреби.
Како клучни приоритети во образованието Јаневска ги наведе подобрувањето на резултатите на учениците, подготовките за ПИСА-тестирањето и унапредувањето на квалитетот на наставата.









