ПРВ.мк
Македонија

Стотици казни за возачите на електрични тротинети: Еве за што најмногу санкционирала полицијата

Стотици казни за возачите на електрични тротинети: Еве за што најмногу санкционирала полицијата

Министерството за внатрешни работи во текот на август спровело засилени контроли на возачите на електрични тротинети низ целата држава, при што биле констатирани вкупно 606 прекршоци.

Најмногу санкции – 162, биле изречени поради неносење рефлектирачки елек при управување со електричен тротинет во ноќни услови. Уште 134 прекршоци биле регистрирани поради некористење велосипедска или пешачка патека, а 59 поради неносење заштитен шлем.

Полицијата санкционирала и 45 случаи во кои на електричен тротинет се превезувале две лица, како и 20 случаи во кои тротинетите биле управувани од малолетници.

Во рамки на контролите биле одземени и 18 електрични тротинети во времетраење од 30 дена.

Најголем број прекршоци биле регистрирани на подрачјето на СВР Битола – 236. Следуваат СВР Скопје со 97, СВР Струмица со 82, СВР Охрид со 57, СВР Тетово со 27, СВР Велес со 18, СВР Штип со 13 и СВР Куманово со седум прекршоци. Дополнителни 69 биле регистрирани од Мобилната единица за безбедност во сообраќајот.

При акциските контроли полицијата констатирала и 3.665 други сообраќајни прекршоци.

Од МВР најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат со цел поголема безбедност на сите учесници во сообраќајот и почитување на сообраќајните правила.