Во тек е потрага по 32-годишен скопјанец кој исчезнал додека со својот татко престојувал во автокамп во Охрид.
Според информациите од полицијата, случајот бил пријавен на 14 септември околу 18:10 часот во СВР Охрид од З.С. од Скопје.
Тој пријавил дека неговиот син Б.С. (32), со кого престојувал во автокамп, го напуштил кампот, по што му се изгубила трагата.
Подоцна, таткото на плажата пронашол дел од алиштата на својот син, неговиот мобилен телефон и гумен чамец.
По пријавувањето веднаш започнала потрага. Во неа се вклучени полициски службеници од Езерската полиција и СВР Охрид, припадници на Спасителската планинарска служба, како и нуркачки тим од Нуркачкиот клуб „Охрид“.
Потрагата се спроведува и во водите на Охридското Езеро и на копно.
Засега нема официјални информации што се случило со 32-годишниот скопјанец, а надлежните продолжуваат со активностите за негово пронаоѓање.






