ПРВ.мк
Македонија

Сопственикот на „Пулс“ за неполн месец излегува од притвор – еве зошто судот мора да го пушти

Сопственикот на „Пулс“ за неполн месец излегува од притвор – еве зошто судот мора да го пушти

Дејан Јованов – Деко, сопственикот на дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде во катастрофалниот пожар животот го загубија 63 лица, за неполн месец ќе излезе од притвор.

Од Основниот кривичен суд – Скопје за „Телма“ потврдиле дека мерката притвор на Јованов е продолжена до 3 октомври 2026 година и по тој датум повеќе не може да продолжува по истиот законски основ.

Причината е што обвинителниот акт бил оценет на 3 октомври 2025 година, а според законските одредби притворот во оваа фаза од постапката може да трае најмногу една година од оценката на обвинението.

Од судот, сепак, најавуваат дека по истекот на притворот ќе бидат определени дополнителни мерки со кои треба да се обезбеди непречено присуство на Јованов во понатамошниот тек од судењето.

Јованов беше приведен по пожарот во „Пулс“ на 16 март 2025 година, а притвор му беше определен неколку дена подоцна.

Тој е првообвинет во големиот судски процес за трагедијата во Кочани, во кој покрај него се обвинети уште 33 лица. Судењето започна во ноември минатата година и сè уште трае.

Меѓу обвинетите се и неговиот брат Тодор Јованов и неговиот син. На Тодор Јованов во меѓувреме му беше укинат куќниот притвор откако беше прифатена гаранција во недвижен имот од околу 320.000 евра, додека за синот на Дејан Јованов се определени мерки на претпазливост.

Дејан Јованов во повеќе наврати бараше укинување на притворот поради влошена здравствена состојба, но судот не ги прифати неговите барања. На ваквите барања претходно реагираа и дел од родителите на загинатите.

Притворот на Јованов бил определен поради опасност од бегство. Според „Телма“, по излегувањето од притвор тој нема да има активна гаранција, но од судот потенцираат дека ќе бидат определени други мерки за обезбедување на неговото присуство во постапката.

Во изминатите месеци и за повеќе други обвинети во случајот судот прифатил гаранции и ги заменил мерките куќен притвор со алтернативни мерки.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година и однесе 63 животи, додека над 200 лица беа повредени.