Министерството за образование и наука го повлече изборниот предмет „Сеопфатно сексуално образование“ од средното образование, а наставната програма ќе оди на детална ревизија.
Одлуката ја соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска, по реакциите во јавноста околу воведувањето на предметот како изборен за средношколците од прва до четврта година.
Јаневска истакна дека МОН во моментов ги повлекува и програмата и предметот, по што ќе следува детално разгледување на содржините.
„Ние ги повлековме во овој момент програмата и предметот и ќе направиме длабока ревизија по барање на јавноста“, изјави Јаневска.
Според неа, целта е да се утврди дали во наставната програма има содржини за кои оправдано би можеле да постојат забелешки.
Министерката посочи дека меѓу предвидените теми биле семејството, заштитата од сексуално преносливи болести и несакана бременост, рамноправноста на половите и недискриминацијата.
Во ревизијата ќе биде вклучено и Бирото за развој на образованието, а Јаневска најави дека и лично ќе учествува во деталното разгледување на програмата.
Таа истовремено нагласи дека постојат научни сознанија за користа од сексуалното образование кај младите на средношколска возраст, но дека како министер има обврска да ги слушне реакциите и забелешките поврзани со образовниот систем.
Предметот бил предвиден како изборен, односно учениците немало задолжително да го изучуваат, туку само оние што ќе го изберат.
По завршувањето на ревизијата ќе треба да биде утврдено дали и во каква форма програмата би можела повторно да биде дел од средното образование.









