Скопје и околината повторно се соочуваат со загрижувачки број на сообраќајни несреќи во кои страдаат пешаци, а возачите се… малолетници. Последниот инцидент се случи вчера во селото Долно Коњари, каде 16-годишник предизвика тешка сообраќајна несреќа, а пешакот заврши со тешки повреди и се бори за живот во болница.
Ова не е изолирана ситуација. Само пред неколку дена, друго 16-годишно момче удри пешак, кој исто така заврши со сериозни повреди. Пред само една недела, 18-годишник предизвика трагедија – усмрти жена-пешак и избегал од државата, со помош на својот татко.
Вакви случаи се зачестени и алармантни. Граѓаните се загрижени, а јавноста бара поголеми казни и одговорност од родителите кои дозволуваат нивните деца да седнат зад воланот без дозвола.
Експертите предупредуваат: камерите и системите како „Сејф Сити“ не се доволни за да го спречат ваквото безразборно однесување. Полицијата мора активно да ги следи младите возачи и да спречува да станат „камикази на патиштата“.
Скопје е на работ – без конкретни мерки и казни, пешаците и понатаму ќе бидат најранливите жртви на млади возачи кои не ги почитуваат правилата. Време е за акција пред следната трагедија.

















