Интерпол објави резултати од една од најголемите глобални операции досега против трговија со луѓе и шверц на мигранти. Во акцијата со кодно име „Либертера III“, спроведена од 10 до 21 ноември 2025 година, учествувале повеќе од 14.000 полицајци и истражители од 119 земји ширум светот.
Според официјалните податоци, приведени се 3.744 осомничени, од кои над 1.800 директно поврзани со трговија со луѓе и илегална миграција. Истовремено, покренати се повеќе од 720 нови кривични истраги, а дел од нив сè уште се во тек.
Во рамки на операцијата, властите успеале да заштитат 4.414 потенцијални жртви, меѓу кои и деца, како и да идентификуваат речиси 13.000 мигранти во нерегуларна ситуација. Интерпол предупредува дека криминалните мрежи постојано ги менуваат методите – сè почести се случаи на принудна работа, домашно ропство и дури трговија со органи.
Меѓу најшокантните откритија се деца експлоатирани во фабрика за стакло во Белизе, малолетно момче киднапирано за трговија со органи во Мозамбик и девојка продадена на постар маж во Ел Салвадор.
Акцијата доведе и до разоткривање на моќни криминални мрежи – од Латинска Америка до Азија, вклучително и затворање на центри за интернет измами и апсење на опасни организатори.
Интерпол порачува: борбата продолжува, а глобалната соработка е клучна за запирање на овој брутален криминал.

















