Најмалку 89 лица се повредени, од кои 11 директно од удар на гром, за време на политички собир во поддршка на поранешниот бразилски претседател Жаир Болсонаро во главниот град Бразилија. Инцидентот се случил на плоштадот „Прака до Крузеиро“, додека присутните го чекале пристигнувањето на федералниот пратеник Николас Фереира.
Според информациите од локалните власти, силното невреме било проследено со обилен дожд и грмежи, при што гром удрил во близина на толпата, предизвикувајќи паника и хаос. Противпожарните служби и итната медицинска помош веднаш интервенирале на местото на настанот.
Вкупно 47 лица биле итно пренесени во болница на лекарска помош. Поголемиот дел од повредените се пуштени на домашно лекување, додека седуммина остануваат хоспитализирани, но се во стабилна здравствена состојба.
Видеа објавени на социјалните мрежи го прикажуваат застрашувачкиот момент на ударот на громот среде силниот дожд, што дополнително ја вознемири јавноста. Надлежните служби продолжуваат со истрагата за околностите на инцидентот и безбедносните пропусти за време на собирот.

















