Уште 20 држави изразиле интерес за приклучување кон „Одборот за мир“ формиран од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит. Таа не ги откри имињата на земјите кои поднеле барање, јавуваат американските медиуми, пренесува Тајмс оф Израел.
Иако Одборот за мир доби мандат од Советот за безбедност на Обединетите нации исклучиво за надгледување на управувањето со Појасот Газа во наредните две години, администрацијата на Трамп има намера ова тело да го искористи и за посредување во решавање на други глобални конфликти.
На прес-конференција во Белата куќа, Ливит го оцени враќањето на последниот преостанат израелски заложник од Газа како „огромен успех на надворешната политика“ за Трамп, Израел и меѓународната заедница.
Израелската армија соопшти дека ги вратила останките на последниот израелски заложник што го држеше Хамас во Појасот Газа, со што е исполнет еден од клучните услови за американскиот претседател да ја започне втората фаза од неговиот план за завршување на војната.
Според израелските власти, останките на заложникот Ран Гвили се успешно идентификувани и предадени на семејството за погреб, објави агенцијата Ројтерс.
Формирањето и проширувањето на Одборот за мир предизвикува поделени реакции во меѓународната заедница, особено поради амбициите на Вашингтон ова тело да добие поширока улога надвор од Газа, што отвора прашања за неговиот легитимитет и идно влијание во глобалната дипломатија.

















