Скопје влегува во нова ера на сообраќајно управување. Градските власти најавуваат целосна трансформација на движењето низ градот со воведување на таканаречен „паметен зелен бран“, кој ќе ги намали метежите и ќе го направи сообраќајот побрз и побезбеден.
Како што соопшти Ѓорѓиевски, на координативен состанок со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и сообраќајни експерти, се финализирале подготовките за старт на системот „Сејф Сити“. Градот Скопје ќе има централна улога во неговата примена, со фокус на ред, дисциплина и зголемена безбедност на улиците.
Новиот „паметен зелен бран“ целосно го заменува застарениот систем од минатото. Наместо фиксно темпирани семафори, ќе се користи адаптивна технологија која во реално време го следи протокот на возила и автоматски го приспособува сообраќајот. Резултатот – помалку чекање, помалку нервоза и поефикасно движење низ градот.
Во наредниот период, Советот на Град Скопје ќе донесе дополнителни одлуки за подобра распределба на сообраќајот, особено во централното подрачје, што треба значително да го растовари градското јадро.
Преку „Сејф Сити“ ќе се засили и контролата врз неодговорното однесување – уништување на јавен имот, сообраќајни прекршоци и нарушување на јавниот ред ќе бидат брзо санкционирани.
Скопје прави сериозен чекор кон модерен европски град со паметни решенија, јасни правила и поголема сигурност за сите граѓани.

















