Нови детали излегоа во јавноста за судската постапка поврзана со трагичното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска. Апелацискиот суд во Скопје го образложи укинувањето на ослободителната пресуда за нејзиниот татко, Александар Ѓорчевски, посочувајќи дека дел од доказите и околностите не биле доволно разгледани во првостепената постапка.
Едно од клучните прашања на кои судот бара одговор е од каде потекнувала информацијата за времето кога Вања ќе излезе од својот дом и ќе тргне кон училиштето.
Според образложението на Апелација, Основниот кривичен суд Скопје не ги оценил целосно доказите поврзани со однесувањето на Ѓорчевски пред и по грабнувањето на неговата ќерка.
Поради тоа, при повторното судење ќе треба детално да се преиспитаат исказите на Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски, како и околностите под кои биле донесувани одлуките за грабнувањето.
Посебно внимание ќе биде посветено на случувањата од 24 и 27 ноември 2023 година, односно на временската поврзаност меѓу претходниот неуспешен обид за грабнување и денот кога девојчето било киднапирано и убиено.
Во текот на претходната судска постапка, обвинетите изнесоа тврдења дека Љупчо Палевски – Палчо им пренел информација оти Вања сама ќе оди на училиште, наведувајќи дека сознанието наводно потекнувало од нејзиниот татко.
Токму овие тврдења и доказите поврзани со нив треба повторно да бидат разгледани, без однапред да се утврдува виновноста на Ѓорчевски.
Адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ, не се согласува со одлуката на Апелациониот суд.
Според него, судот можел да интервенира во образложението на пресудата доколку сметал дека постојат нејаснотии, наместо предметот да го враќа на повторно судење.
Туфегџиќ тврди дека Апелација потврдила отсуство на директна комуникација и поврзаност меѓу Ѓорчевски и останатите обвинети. Тој смета и дека не е докажан мотивот кој обвинителството претходно го поврзуваше со недвижниот имот.
Адвокатот ја оспорува и оценката за однесувањето на таткото во периодот на исчезнувањето на девојчето, сметајќи дека мора да се земе предвид состојбата во која се наоѓале родителите.
Во меѓувреме, Апелацискиот суд ги потврди доживотните затворски казни за Љупчо Палевски – Палчо, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, осудени за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Александар Ѓорчевски, кој претходно беше ослободен од обвинението за помагање во грабнувањето на неговата ќерка, повторно ќе се соочи со судска постапка.
Укинувањето на ослободителната пресуда не претставува утврдување вина, туку значи дека судот повторно ќе треба да ги разгледа доказите и да донесе нова одлука.









