На граничниот премин Табановце царинските инспектори од мобилните тимови од Секторот за контрола и истраги спречија сериозен обид за нелегално изнесување девизи од државата. Српски државјанин, кој тврдел дека нема што да пријави и дека носи помалку од 1.000 евра, предизвикал сомнеж со своето однесување.
Поради тоа инспекторите извршиле детална контрола на возилото. Под машка јакна на совозачкото седиште, во црна рачна торбичка, пронашле значителна сума пари. Контролата продолжила и во багажниот простор, каде во кожна црна ташна бил откриен уште поголем износ.
Патникот немал никаква документација за потекло на средствата, ниту пак ги пријавил, иако бил должен да го стори тоа.
Согласно Законот за девизно работење, на лицето му биле вратени 10.000 евра – максималната дозволена непријавена сума за нерезиденти. Останатите средства се привремено одземени, а надлежните институции ќе ја утврдуваат законската одговорност и точниот извор на парите.
















