Утрово, во атмосфера тешка како никогаш досега, започнува судскиот процес за еден од најстрашните настани што ја потресоа Македонија – пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, кој на 16 март однесе 63 млади животи. Надвор од судскиот комплекс владее тишина што сече, додека родителите и роднините на настраданите стојат неми, исцрпени од болка, чекајќи го моментот кога конечно ќе ги видат обвинетите.
Пред судот се изнесени обвиненија против 35 лица, како и три правни субјекти, за тешки дела против општата безбедност. Иако трагедијата е незамисливо голема, за ова кривично дело законската рамка не предвидува доживотен затвор – најтешката казна со која обвинетите може да се соочат изнесува до 20 години затвор.
Паралелно со овој процес, во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција се води и дополнителна истрага за дваесетина полициски службеници, чија можна улога или пропуст во настаните што доведоа до трагедијата се уште се испитува. Трагедијата од „Пулс“ беше пренесена од сите светски медиуми, а одговорноста која ја очекува јавноста е огромна.
Пред судскиот објект во Идризово се собрани голем број роднини, кои со погледи залепени кон секое полициско возило се надеваат дека ќе успеат да ги видат обвинетите. Но, современиот концепт на судницата овозможува нивно дискретно спроведување – обвинетите се внесуваат од задната страна, што за семејствата значи уште едно болно чекање без јасен момент на соочување.















