ПРВ.мк
Македонија

САВЕВСКИ ЗАСЛУЖУВА ГОЛЕМА ПОЧЕСТ: Се бара спортска сала во Охрид да го носи неговото име

САВЕВСКИ ЗАСЛУЖУВА ГОЛЕМА ПОЧЕСТ: Се бара спортска сала во Охрид да го носи неговото име

По трагичната смрт на Антонио Савевски во тешката сообраќајна несреќа на патот Кичево–Охрид, во јавноста се појави иницијатива неговото име и дело трајно да бидат одбележани со именување на спортска сала во Охрид по него.

Во емотивна објава на социјалните мрежи, Мајорова упати апел до државниот врв, Министерството за спорт и Општина Охрид да најдат начин една спортска сала да го носи името „Антонио Савевски“.

Во објавата се потсетува дека Савевски целиот свој живот го посветил на спортот и кошарката, но и на работата со младите, за кои, како што е наведено, бил многу повеќе од обичен тренер.

„Без да биде свесен тој секоја година спасуваше еден млад живот од пороци, од улица, од демони“, пишува Мајорова.

Таа додава дека Савевски искрено се радувал на успехот на секое дете, како да е негов личен успех. Неговиот тренерски пристап го споредува со тренерот на Роки Балбоа – строг кога било потребно, но секогаш со цел младите да станат подобри луѓе и спортисти.

„Кај него немаше неталентирани за кошарка. Велеше дека од инает ќе му извади талент“, стои во емотивната објава.

Посебно е истакната неговата долгогодишна работа со младите во Охрид и во Водно Санс. Како кошаркарски тренер, Савевски оставил трага во развојот на повеќе генерации деца, а неговата работа била многу повеќе од спортски тренинг.

„Неговото име и дело мора да бидат овековечени, бидејќи со својот непроценлив талент можеше да замине каде сака во светот, ама не, тој со точакот одеше кај малините ЛавОј“, се наведува во објавата.

Авторката посочува дека Савевски бил човек кој несебично се радувал на туѓиот успех и уживал почит кај различни генерации.

„Заслужуваш сала Гуливер со голема бела табла со огромни букви твоето име и презиме“, пишува во апелот.

Преку објавата се повикуваат надлежните институции да најдат начин Македонија и Охрид да му се оддолжат за придонесот што го дал во спортот и, особено, во животите на младите со кои работел.

„Македонија мора да ти се оддолжи за цело добро и за цел придонес кој го даде од петни жили, бидејќи тренерот има огромна улога во животот на едно дете. Тој им дава насоки“, се додава во пораката.

Антонио Савевски загина во тешката сообраќајна несреќа на магистралниот пат Кичево–Охрид. Неговата смрт предизвика бројни реакции и пораки на сочувство од спортската и охридската јавност.

Од него претходно со емотивна порака се простија и „Рибари Охрид“, чиј член беше Савевски.