ПРВ.мк
Македонија

Чадот од големиот пожар стигна до Скопје: Гори на македонска и косовска територија

Чадот од големиот пожар стигна до Скопје: Гори на македонска и косовска територија

Силна миризба на чад вечерва се чувствува во повеќе делови на Скопје, а причината е големиот пожар кој беснее во пограничниот регион меѓу Македонија и Косово, во реонот кај селото Грачани.

Поради ветерот, чадот од пожарот се движи кон Скопската Котлина, поради што миризбата на изгорено е забележлива и на поголема оддалеченост од самото жариште.

Пожарот зафаќа голема површина, а огнената линија се протега неколку километри и опфаќа делови и од македонска и од косовска територија.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека станува збор за едно од приоритетните жаришта на кое се ангажирани расположливите сили.

Во текот на денот интервенирале пожарникари и тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, а во гаснењето била вклучена и воздушна поддршка. Работата на екипите на одредени делови е отежната поради непристапниот терен.

Според информациите од надлежните институции, селата Грачани и Никиштане засега не се загрозени. Екипите остануваат на терен и внимателно го следат движењето на огнената линија, особено поради ветерот.

Од Центарот за управување со кризи претходно информираа дека до 18 часот низ Македонија биле регистрирани вкупно 23 пожари на отворен простор, од кои осум сè уште биле активни.