ПРВ.мк
Македонија

Македонија меѓу првите земји со технологијата на „Старлинк“: Третиот мобилен оператор ќе донесе нова конкуренција

Македонија меѓу првите земји со технологијата на „Старлинк“: Третиот мобилен оператор ќе донесе нова конкуренција

Македонија ќе биде меѓу првите земји во кои ќе се имплементира технологијата на „Старлинк“ за потребите на мобилните комуникации, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски преку објава на својот фејсбук-профил.

Според Николоски, третиот мобилен оператор ќе ја користи мрежата на „Старлинк“, што треба да му овозможи поголема конкурентност на македонскиот телекомуникациски пазар.

„Нашата држава ќе биде меѓу првите земји во кои ќе се имплементира технологија на ‘Старлинк’. Третиот мобилен оператор ќе ја користи мрежата ‘Старлинк’, со што ќе биде многу поконкурентен во однос на услугата“, истакна Николоски.

Тој посочи дека, надвор од Украина, Македонија и Црна Гора ќе бидат првите држави во кои оваа технологија ќе се користи директно.

Николоски најави и можност за значително пониски цени на мобилните услуги.

„Од она што имам како информација, многу, многу поевтини ќе се од двата постојни оператори“, нагласи тој.

Во однос на временската рамка, согласно договорот за концесија, третиот оператор има обврска до март да обезбеди покриеност на најмалку еден град, а до крајот на годината да ја прошири својата мрежа на територијата на целата држава.

Како прв град за започнување на услугите е избрано Скопје.

Најавеното воведување на технологијата на „Старлинк“ и влезот на трет мобилен оператор би можеле да ја засилат конкуренцијата на пазарот, со потенцијални придобивки за граѓаните во поглед на цените и достапноста на услугите.