Рускиот претседател Владимир Путин испратил лична порака до американската прва дама Меланија Трамп, по средбата со специјалниот американски претставник Стив Виткоф во Санкт Петербург.
Според руската агенција ТАСС, Путин побарал од Виткоф да ѝ ја пренесе неговата благодарност на Меланија за нејзините напори во решавањето на хуманитарните прашања поврзани со војната во Украина.
Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, изјавил дека Путин особено го истакнал нејзиниот придонес во повторното обединување на децата со нивните семејства, како и посредувањето во решавањето на тешката хуманитарна ситуација во градот Олешки, во Херсонската област.
„Владимир Путин побара од Стив Виткоф да ѝ пренесе благодарност на првата дама на САД за нејзините напори на хуманитарен план“, изјавил Ушаков.
Ситуацијата во Олешки е предмет на меѓусебни обвинувања меѓу Москва и Киев.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно ја обвини Украина дека со нападите го попречува доставувањето храна и лекови, додека украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, ја обвини Русија дека со окупацијата предизвикала хуманитарна катастрофа.
Меланија Трамп претходно му испратила на Путин „Писмо за мир“, посветено на семејствата разделени поради војната.
Според Белата куќа, благодарение на нејзините хуманитарни напори, повеќе од 30 деца повторно биле обединети со своите семејства.
„Нема ништо посилно од повторното обединување на мајка и дете по долг период на разделеност“, изјавила Меланија во август.
Средбата меѓу Путин и Виткоф била посветена и на војната во Украина и можностите за продолжување на мировните преговори.








