Несекојдневен инцидент го одбележа изборниот ден во Бугарија, откако претседател на избирачка комисија бил разрешен од функцијата поради сомневања дека се појавил на работа под дејство на алкохол.
Случајот се случил во селото Изгрев, во општина Царево, во близина на Бургас, за време на денешните претседателски избори, јавува Бугарската национална телевизија (БНТ).
Според информациите, Регионалната изборна комисија во Бургас добила телефонска пријава дека претседателот бил во алкохолизирана состојба уште додека членовите на комисијата патувале кон гласачкото место.
По пријавата била извршена проверка, при што било утврдено дека мажот се однесувал несоодветно и не покажувал интерес за изборниот процес.
Дополнително, контролорите откриле дека тој внел алкохол и во просторијата во која се одвивало гласањето.
При разговорот со претставниците на регионалната комисија, претседателот одговарал на прашањата, но неговиот говор бил нејасен и отежнат, што ги засилило сомневањата дека бил под дејство на алкохол.
Поради констатираните неправилности, Регионалната изборна комисија донела одлука за негово итно разрешување и поништување на уверението за претседател на избирачката комисија.
На неговото место веднаш бил назначен нов претседател, а била направена и промена на функцијата заменик-претседател.
Според првичните информации од изборните власти, гласањето во најголемиот дел од Бугарија започнало без поголеми проблеми.









