Случајот со исчезнувањето и претпоставеното убиство на двегодишната Данка Илиќ и понатаму ја потресува српската јавност, а директорот на Центарот за злоставувани и исчезнати деца, Игор Јуриќ, предупредува дека ќе биде исклучително тешко да се дојде до судска пресуда.
Судењето против Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ е закажано за 30 октомври во Неготин, но според Јуриќ, недостигот од материјални докази претставува сериозна пречка.
„Случајот со малата Данка дефинитивно е нерасчистен. Мислам дека ќе биде исклучително тешко да се дојде до пресуда и да се докаже злосторството што им се става на товар на обвинетите“, изјави Јуриќ.
Тој нагласи дека на самиот почеток биле направени пропусти кои подоцна не можеле да се надоместат.
„Материјални докази нема, а единственото признание што постоеше сега е повлечено. Се плашам дека ни е потребно чудо“, посочи тој.
Според Јуриќ, надежта е некој што знае што навистина се случило да проговори и да помогне во расветлувањето на случајот.
„Додека нема тело, не смееме целосно да ја изгубиме надежта дека детето можеби е живо“, додаде тој.
Да потсетиме, Данка Илиќ исчезна на 26 март 2024 година во Бањско Поле, во близина на Бор.
Според обвинението, Драгијевиќ и Јанковиќ се товарат дека ја удриле со автомобил, по што наводно го преместиле нејзиното тело.
И покрај обемните потраги, телото на девојчето никогаш не е пронајдено, а обвинетите се сметаат за невини сè додека нивната вина не биде утврдена со правосилна судска пресуда.









