ПРВ.мк
Македонија

СКАНДАЛ ВО МЕСАРНИЦА ВО МАКЕДОНИЈА: Запленети и уништени 470 килограми ќебапи, плескавици и месо!

СКАНДАЛ ВО МЕСАРНИЦА ВО МАКЕДОНИЈА: Запленети и уништени 470 килограми ќебапи, плескавици и месо!

Речиси половина тон месни производи и внатрешни органи биле запленети и уништени по вонредна инспекциска контрола на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во месарница на подрачјето на Општина Василево.

Инспекторите откриле комора сместена на приватен имот, која не била регистрирана во АХВ, а во неа се чувале значителни количини замрзнати месни производи.

При контролата, спроведена минатата недела, официјалните ветеринари заплениле вкупно 470 килограми производи, од кои 400 килограми биле замрзнати подготовки од месо, плескавици и ќебапи, а 70 килограми биле внатрешни органи.

Целата запленета количина била нештетно уништена на депонија, во согласност со законските процедури.

Поради утврдените неправилности, изречена е мерка за привремено затворање на комората, додека правното лице добило парични казни за работење во нерегистриран објект и за неозначување на производите.

Од АХВ нагласуваат дека инспекциските контроли се неопходни за спречување на прометот со небезбедна храна и заштита на здравјето на потрошувачите.

Според податоците на Агенцијата, од јануари до август 2026 година биле спроведени 74.838 инспекциски надзори, а уништени биле 69.776 килограми небезбедна храна од домашниот промет и увозот.

Дополнително, бил забранет увоз на 21.105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло, додека во земјите на потекло биле вратени пратки со вкупно 122.602 килограми храна од животинско потекло.

АХВ најавува продолжување на засилените контроли низ целата држава, со цел навремено откривање неправилности и спречување небезбедни производи да стигнат до потрошувачите.